ВИДЕО: Брера ја загуби пенал-драмата, Тиквеш меѓу четирите најдобри во Купот!

Фудбалерите на Тиквеш патуваат во полуфиналето во Купот на Македонија, откако во денешниот четвртфинален натпревар, по изведувањето на пенали беа поуспешни од Брера Струмца (6-5). Во регуларните деведесет минути натпреварот заврши 1-1.

  • Головите од натпреварот:

Двете екипи резервирано го отворија натпреварот во Кавадарци. Дождот и лизгавиот терен не дозволија беспрекорни услови за игра, а тоа резултираше со неатрактивна игра во првото полувреме. По мирниот старт, домашните фудбалери успеаја да воспостават контрола на теренот и силно притиснаа кон отворање на резултатот. Прв се закани Гасама со удар со глава, но топката заврши покрај левата статива на гостите. Неколку минути подоцна на истото место заврши и ударот од далечина на Станковски. 

По позитивните минути на домаќините, следуваше период во кој Брера беше таа која што притисна и тежиштето на играта се префрли на половината на Тиквеш. Врдољак од слободен удар ја испрати првата закана, а потоа Рибаудо биеше млако од изгледна позиција и Стојан Димовски успешно одбрани. Сепак, домашниот голман не можеше ништо да направи во судиското продолжение од полувремето, откако Матеј Цветановски биеше силно, а топката од блокот промени правец и заврши во домашната мрежа.

На полувреме се замина со минимално водство на стружани, но само што започна вториот дел Тиквеш успеа да се врати во игра, откако Словенецот Куреж со прецизен удар откосо го совлада гостинскиот голман за израмнување на 1-1. Само неколку минути по погодокот, Куреж одново се најде во гол-шанса, биеше силно од дваесет метри, но овој пат Марко Алчевски беше на висината на задачата и не дозволи нов голем удар за својот тим.

Во продолжение двете екипи имаа по неколку шанси за нов погодок, но мрежите мируваа и четвртфиналето влезе во пенал-завршница. Во ударите од единаесет метри поуспешни беа домаќините, а херој беше голманот Ренер, кој му го одбрани пеналот на Ѓоргиевски во осмата серија. 

  • Пенал-завршницата во Кавадарци:

Покрај Тиквеш, во полуфиналето се пласираа уште Воска Спорт и Македонија ЃП, а последниот патник ќе биде познат по одигрувањето на натпреварот Работнички - Шкупи.