Брера ја фрустрираше доминантната Струга и се избори за нов важен бод во ПМФЛ

Фудбалерите на Брера Струмица успеаја да ја задржат фаворизираната Струга Трим Лум и ремизираа со конечни 0-0 во натпреварот од 21. коло на Првата македонска лига. 

Првиот дел од мечот понуди интересна и динамична игра. Двете екипи беа во добар ритам, имаа расположени фудбалери во своите редови, а тоа стана јасно уште од почетокот на натпреварот. 

Имаа и стружани и струмичани свои шанси, вкупно седум на двете страни, но за жал, малубројната публика не просведочи ниту еден погодок, иако тоа можеби и се очекуваше. Брера делуваше мотивирано и повторно покажа дека е жилав противник за сите прволигаши, создавајќи добри шанси пред голот на Струга. 

Иако гостите беа тие што повеќе ја држеа топката кај себе, Брера беше екипата што имаше поконкретни прилики пред голот, но не успеа да ја начне мрежата на стружани. На паузата останаа почетните 0-0. Вреди да се истакне и прекрасниот шут на Јевтоски во 32. минута, но голманот Диковски успеа да го спаси својот гол. 

И вториот дел започна со добра игра на домаќинот. Брера изведе три корнери во краток временски период, а имаше и уште две изгледни прилики во шеснаесетникот. Струга на моменти имаше проблеми со истрчувањето на противничката половина, најмногу поради високиот пресинг на ривалот. 

Струга потоа заигра многу подобро и конечно се пресели пред голот на домаќинот. Фаворитот се обидувше да го отвори резултатот, но не ја пробиваше лесно одбраната на Брера. Во добар ритам беа разиграните Воша и Јевтоски, нафрлија неколку топки кон петерецот, но без реализација. Следуваше помирен период и се играше на средината од теренот, а Струга ја презема контролата и комплетно ја држеше топката во своите нозе. 

Во игра влегоа Меметриза Хамза и Марјан Радески, што автоматски значеше дека тренерот Бледи Шкемби ја засилува офанзивната линија. И покрај јасната желба за напаѓачки фудбал на гостите, Брера делуваше компактно во одбраната и успеваше да ја одржува мирната динамика. Набргу потоа, Струга изведе корнер, по што рекламираше игра со рака во домашниот шеснаесетник, но судијата Влатко Илијоски одмавна со рацете. 

Домаќинот „се освежи“ со внесување во игра на Михаилов и Јан Куаку, обидувајќи се максимално да го запре налетот на гостинскиот тим. Времето полека изминуваше, а домашната екипа полека успеваше да го „убие“ мечот и да го приведе кон мирна завршница. Залудни беа и над 65% посед на топката на гостинскиот тим, кој не успеа да ја погоди мрежата на прволигашот од Струмица. 

На крајот, Брера успеа да се избори за бод пред своите гледачи и ја задржа Струга на почетните 0-0. Струмичани сега имаат 27 бода на шестата позиција, додека стружани се на 44 бодови, четири помалку од второпласираната Шкендија, која има и натпревар помалку. 

Во следното коло, Брера Струмица ќе гостува кај Шкендија во Тетово, а Струга Трим Лум ќе биде голем фаворит на домашен терен против „фенерџијата“ Шкупи