• Мартин Танасковски
Младинскиот првак на Македонија, екипата на Брера Струмица, го игра реванш натпреварот од младинската Лига на шампиони каде во првото квалификациско коло ривал на тимот е Сараево од Босна и Херцеговина.
Дуелот кој следи ќе се игра во главниот град на Босна, а е реванш по оние 2-2 на првиот дуел на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица. Брера игра за македонската чест и за историја на младинскиот македонски фудбал, затоа што досега ниту еден наш претставник нема победа и пласман во следната фаза.
Досега, младинскиот првак на Македонија играше во првата рунда во ЛШ во пет наврати. Се почна во сезоната 2016/17 со младинците на Вардар кои тогаш играа со австриски Ред Бул Салцбург. Мечевите завршија со 0-3 и 0-5 за ривалот, кој подоцна стана младински првак на Европа.
Следното издание е во сезоната 2017/18 кога Шкендија се соочи со Нитра од Словачка. Мечевите завршија 1-1 и 0-1, па така ривалот продолжи понатаму. Во сезоната 2019/20, Шкендија доживеа висок пораз во двомеч со украински Динамо Киев (0-8 и 2-2), а во сезоната 2021/22 тетовчани играа со хрватски Хајдук од Сплит и ги загубија двата меча (0-2 и 1-3).
Последен наш претставник пред Брера Струмица беше прилепска Победа која беше најблизу до прв триумф, ама не успеа. Тимот се соочи со Колерајн од Северна Ирска, мечевите завршија со резултат 2-3 и 2-2.
Брера ќе има многу тешка задача на гости кај Сараево, затоа што ќе биде без двојниот стрелец од првиот натпревар, капитенот Мартин Ѓоргиевски, кој се повреди, како и без дефанзивецот Матео Кесиќ кој е со Македонија У17 на Кипар. Натпреварот на двете екипи стартува од 18:00 часот.