ВИДЕО: Брера го остави Вардар на дното во прволигашкото друштво

Вардар брои шест натпревари во низа без победа во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Најтрофејниот во важен домашен дуел загуби од Брера Струмица (0-1) и останува на дното на табелата во прволигашкото друштво по дванаесет одиграни кола.

Захариевски ги врати Закариќ и Дианеси во стартниот тим, а Михајлов с е одлучи за густ среден ред и Ивковиќ и Мато во нападот. Токму фудбалерот од Уганда ја имаше првата закана во шестата минута. Доби убава топка од капитенот Ѓорѓиевски, го мина Чосиќ, но биеше преку голот на Гачевски.

Следеше подобра игра на Вардар на средината на теренот, блага иницијатива и неколку корнери, но зрели шанси изостанаа. Во тој период на позитивна игра на „црвено-црните“, први поведоа струмичани. Мартин Ѓорѓиевски со убава топка го пронајде Ивковиќ, кој изби сам пред Гачевски и со лоб удар го измами (0-1).

Примениот гол внесе нервоза кај момците на Захариевски. Во 28. минута ризикуваа да примат втор гол. Мартин Ѓорѓиевски во соло-продор дојде до казнениот простор, но се сплетка и лошо се координираше и прокоцка зрела шанса за погодок. По половина час Михајлов мораше да менува во одбраната, откако Наумчески се повреди и на негово место шанса доби младиот Стојилевски. Во двеминутното судиско надополнување двете екипи имаа по една закана. Најнапред Ивковиќ во пад од пет метри не успеа да упати удар, а потоа во транзиционен напад Донгмо изби пред Купанов, но наместо удар се одлучи за додавање и погреши.

Во второто полувреме Вардар беше поактивен и беше поблизу до израмнување, но не успеа. Закариќ бараше пенал по стартот на Стојилевски, но судијата Иванов не ја прекина играта. Потоа во 51. минута Донгмо го најде Дианеси, но неговиот удар Купанов го одби во поле. По притисокот следеше погодок во 67. минута на Дианеси, ама судиите го поништија затоа што имаше офсајд при почетокот на акцијата. Најдобрата можност Вардар ја имаше во 73. минута кога Омерагиќ го проигра Мециновиќ, тој биеше со глава, ама Купанов маестрално изби во корнер.

До крајот на натпреварот видовме повеќе шанси, Брера двапати не успеа да реализира по контранапади за 0-2 благодарение на Филип Гачевски (ги одбрани ударите на Мато и Каланоски), но и домаќинот немаше време и сила да направи нешто повеќе и да се спаси од пораз. Пред крајот, кога Гачевски беше во напад, Мато имаше можност на празен гол да ја запечати победата, ама не реализира офанзивецот на струмичани.

Вардар падна на самото дно пред „вечното“ дерби во Битола, а Брера првпат се радува на гостинска победа сезонава.