Брера го одработи последниот тренинг во Германија, следува реваншот со Хофенхајм!

Младинскиот тим на АП Брера Струмица го одработи последниот официјален тренинг во Германија, во пресрет на утрешниот реванш-натпревар против Хофенхајм во рамките на младинската Лига на шампиони.

Струмичани предводени од Ѓорѓе Стојчев ги завршија подготовките во одлична атмосфера, со голема мотивираност и желба за позитивен резултат на гостувањето во Германија.

По првиот натпревар одигран во Струмица, кој заврши со 0-3 за гостинот, македонскиот претставник го очекува нов голем предизвик против германскиот ривал. Во таборот на Брера се свесни за квалитетот на противникот, но најавуваат максимална посветеност и борба до последниот судиски свиреж.

Од клубот упатија и повик до македонската дијаспора во Германија, како и до сите љубители на македонскиот фудбал, да дојдат на трибините и да им дадат поддршка на младите фудбалери. Реваншот меѓу Хофенхајм и АП Брера Струмица ќе се игра утре, 4 ноември, со почеток во 18:00 часот на стадионот „Дитмар Хоп“ во Хофенхајм.