• Мартин Танасковски

Екипата на Брера Струмица ја прекина негативната низа во македонскиот шампионат и освои важни бодови во дуелот со фенерџијата Шкупи (1-3), кој има само еден освоен бод и со една нога веќе е во Втората лига.
- Извештај од натпреварот:
Струмичани славеа на гостувањето на неутралниот терен во Струга, со партија со која ги заслужија трите бода. Тимот во последните пет кола имаше четири порази и едно реми, па ова е добра вест за тренерот Алаѓозовски пред паузата.
Брера до победата која ја остави на првото безбедно место над цртата дојде со два гола во првото и еден во второто полувреме. Во првиот дел во листата на стрелците се запишаа Емрах Макиќ во 7. минута и Зоран Ивановски во 17. минута. Во вториот дел, погоди Миле Тодоров по една контра, откако во 51. минута го лобува противничкиот голман. Утешен гол Шкупи постигна пред самиот крај, а беше дело на капитенот Ерион Шуку.
Шампионатот на Македонија продолжува во месец февруари.

