Брентфорд со убав и несекојдневен гест ги одушеви фановите

Челниците на новиот прволигаш во Англија, Брентфорд ги одушевија фановите со последниот гест. Имено, клубот кој по 74 години се врати во Премиер лигата преку плеј-офот на Чемпионшип се реши за несекојдневен чекор. 

Брентфорд и следната натпреварувачка сезона, без разлика дали ќе опстане во елитата ќе настапува со истите дресови од оваа сезона. На ваков чекор клубот се реши со цел да им удоволи на фановите, за тие да не трошат непотребно финансиски средства секоја сезона. 

„Ги сослушавме нашите навивачи кои сметаа дека нема потреба секоја година да купуваат нов дрес. Моментално клубот е во добра финансиска состојба и заклучивме дека е вистинско време да направиме нешто поинакво. Не само што ќе им помогнеме на фановите, туку ова е и важен потег во заштита на околината, смалувајќи ја емисијата на штетни гасови со производството“, напишаа од клубот. 

Овој потег освен фановите на Брентфорд, одушеви и многу други. Во време кога спортот сè поглавни се парите и финансиските придобивки, премиерлигашот направи нешто несекојдневно. Речиси сите клубови, особено во најсилните лиги, секоја година промовираат по неколку различни нови дресови, но Брентфорд се реши дека нема потреба од тоа.