Брентфорд со прво летно засилување, доаѓа холандски репрезентативец

Екипата на Брентфорд беше едно од најпријатните изненадување сезонава во Премиер лигата. Тимот на тренерот Томас Франк заврши како деветтопласиран на табелата, а во текот на сезоната успеа да совлада многу гиганти како Манчестер Јунајтед, Челзи и Арсенал. 

Се чини дека управата на клубот веќе прави сериозни планови за следната сезона и денес од Англија стигна информацијата дека во Брентфорд пристигнува холандскиот репрезентативен голман, Марк Флекен. Досегашниот член на германски Фрајбург пристигнува за сума од тринаесет милиони евра и се очекува да биде големо засилување меѓу стативите. 

Англискиот клуб ја платил откупната клаузула и директно се договорил со голманот, но повеќе детали не се објавени. Медиумите на Островот шпекулираат дека Флекен ќе биде прв голман на Брентфорд идната сезона и дека најверојатно ќе заработува околу 2,5 милиони евра годишно. 

Оваа сезона Марк Флекен прими 44 голови во 34 натпревари одиграни за Фрајбург. Тој беше еден од најдобрите поединци во тимот кој имаше повеќе од успешна сезона и „за влакно“ не успеа да обезбеди пласман во Лигата на шампионите. Голманот од минатата година е и холандски репрезентативец и досега запиша четири официјални настапи за „лалињата“.