• Мартин Танасковски
Екипата на Арсенал доби сопка во борбата за титулата, откако на гостувањето кај Брентфорд кој се бори за место во евро-куповите одигра 1-1. На овој резултат најмногу се радува Манчестер Сити, кој сега дојде на негатива од четири бода во однос на „топџиите“.
- Извештај од натпреварот:
Убедливата победа на Манчестер Сити над Фулам ден претходно донесе дополнителен притисок врз составот на Микел Артета пред гостувањето кај Брентфорд, тим кој во претходните кола успеа да ги совлада Њукасл и Астон Вила и покажа дека знае да биде незгоден ривал. Иако Брентфорд сезонава игра променливо, Арсенал допатува во малото гратче крај Лондон со јасна намера да ја продолжи победничката серија. Сепак, уште во првото полувреме беше јасно дека „топчиите“ ги очекува тежок и физички исцрпувачки натпревар.
Дури четири жолти картони во првите 45 минути најавија дека средбата нема да изобилува со атрактивни потези, туку со жестока борба за секој метар од теренот. Првата посериозна можност ја имаше Игор Тијаго во 22. минута, но неговиот удар со глава одлично го одбрани Давид Раја. До паузата немаше значајни возбудувања пред двата гола. Арсенал дојде до водство во 61. минута, кога Нони Мадуеке, кој во последно време беше често мета на критики, постигна убав гол со глава по прецизен центаршут на Пјер Инкапије.
Брентфорд возврати во средината на вториот дел. Повторно се закани Тијаго, но Раја уште еднаш беше на висина на задачата. Сепак, шпанскиот голман беше совладан во 71. минута, кога Кин Луис-Потер ја искористи една од ретките посериозни шанси и израмни на 1-1. Домашниот тим можеше и целосно да го сврти резултатот во своја корист. Во финишот од регуларниот дел Москера го блокираше ударот на Тијаго, а набргу потоа Бразилецот шутираше над голот под притисок на Габриел.
Во третата минута од судиското продолжение Арсенал имаше можност да го казни промашувањето на противникот, но Габриел Мартинели не реагираше најдобро во дуелот со подготвениот Келехер, па резултатот остана непроменет.










