• Зоран Мишевски


Во меч кој ја одлучуваше иднината на Република Ирска „зелените“ на Мартин О'Нил и Рој Кин ја совладаа реновираната Италија, со 1-0 и со оваа победа влезе меѓу четирите најдобро пласирани тимови кои завршија на третото место во групата.
Мечот кој беше витален за Ирците за Антонио Конте беше само пријателски натпревар во кој целосно го измени тимот од првите два натпревари со исклучок на дефанзивниот тандем Бонучи – Барзаљи.
Ирците беа поагресивни, но главно се обидуваа со удари од дистанца, а не со изградени акции. Така Хендрик на двапати го „загреа“ Сиригу, но без прецизност за водство.
Италија во првиот дел најблиску во водство беше во 36. минута кога Имобиле биеше од далечина, но топката заврши крај дирекот од ирскиот гол.
Во последните моменти од првиот дел Ирците бараа пенал заради стартот на Бернардески врз Меклин, но романскиот судија не ја прекина играта и на одмор се замина со почетните 0-0.
„Азурите“ поамбициозно го почнаа вториот дел и по центаршутот на Дармијан, Заза „фати“ волеј, но за малку го префрли голот на Репубика Ирска. Островјаните одговорија со центаршутот на Хендрик, кој Сиригу го одби и ударот на Кларк, кој заврши во Бонучи.
Двајцата селектори извршија замени, а во првиот контакт со топката Лоренци Инсиње ја погоди стативата од ирскиот гол во 81. минута. Четири минути подоцна откако МекГин не реализира зицер, во 85. минута Роберт Брејди со глава ја казни грешната проценка на Сиригу и на Република Ирска му донесе победа и осминафинале.
Турците извисија со овој примен гол на Италија, која за првпат губи на официјалне натпревар со Антонио Конте како селектор.