ВИДЕО: Брегот на Слоновата Коска има 100 животи – со голови во 90+ и 120+ до полуфинале на АКН!

Репрезентацијата на Брегот на Слоновата Коска се пласира во полуфиналето на Африканскиот Куп на нации, совладувајќи го Мали по продолженијата со резултат 2-1. „Слоновите“ за пласман во финалето ќе играат против Демократска Република Конго.

  • Извештај од натпреварот:

Фудбалерите на Мали имаа контрола на стартот од натпреварот, но во 17. минута Адама Траоре не успеа да ја искористи доминацијата на својата селекција и го промаши ударот од единаесет метри. Немоќта на БСК во првиот дел кулминираше во 43. минута, кога Косону доби црвен картон и предвреме го заврши натпреварот. 

Мали бројчаната предност ја искористи во 71. минута кога со фантастичен удар Нене погоди за 1-0. Тој резултат важеше до 90. минута кога Адингра го пронајде патот до противничката мрежа и натпреварот замина во продолженија. Во дополнителниот половина час, Брегот на Слоновата Коска до големата победа стигна во последните секунди кога Оумар Диаките со пета ја смести топката во посакуваната цел и донесе делирум на трибините и полуфинале на својата селекција.

По завршувањето на натпреварот можеше да се види сè и сешто. Гневните и разочарани играчи на Мали го нападнаа судијата, додека нивниот тренер не се чувствуваше добро и го поливаа со вода. Во полуфиналето Брегот на Слоновата Коска ќе игра против ДР Конго, кој во петокот ја совлада Гвинеја со 3-1.

По поразот од Екваторијална Гвинеја со 0-4 во последниот меч во групата, Брегот на Слоновата Коска практично веќе беше елиминиран, но со чудесен исход во другите групи се пласираше во осминафиналето како четврта најдобро третопласирана репрезентација. Поради лошите резултати го отпушти селекторот Гасет, па во осминафиналето по пеналите го исфрли бранителот на титулата Сенегал и сега во четвртфиналето по нова невидена драма и Мали.