Брегалница за ПМФЛ ќе се подготвува во Златибор, договорени неколку пријателски средби

По само нешто повеќе од една седмица од крајот на сезоната во Втората македонска фудбалска лига, екипата која што доминираше од самиот почеток, Брегалница и заслужено се врати во елитата, веќе го дефинираа комплетниот план и програма за текот на летните подготовки.

Првиот собир на „сините“ е закажан за 21 јуни во Штип, каде ќе биде реализирана првата фаза од подготовките. По седумдневните тренинзи во својот дом, Брегалница на 28 јуни се сели во Пехчево во тренинг-базата на спортскиот комплекс „Гогов“. На трети јули во Пехчево е планирано и одигрување на првиот пријателски натпревар, против Борец од Велес.

Штипјани своите финални техничко-тактички подготовки ќе ги извршат во српскиот туристички центар Златибор, каде е предвидено и одигрување на четири пријателски средби.

„На 11 јули договорен е пријателски натпревар со суперлигашот од Црна Гора, Морнар, а на 14 јули ќе следи и тестот со српскиот Графичар кој е предводен од поранешниот македонски селектор Бошко Ѓуровски. Планирани се уште две пријателски средби во Златибор, но противниците дополнително ќе бидат одредени“, информира извршниот директор на Брегалница, Емил Тодев.

По враќањето од Златибор, финалните подготовки пред стартот на новата сезона продолжуваат во Штип каде е планирано да се одиграат уште два пријателски натпревари.