Брегалница со порака пред дуелот со Шкендија: Навивајте со срце и почитувајте го противникот

Екипата на Брегалница утре го игра можеби клучниот натпревар сезонава против Шкендија Арачиново, дуел кој може директно да влијае врз трката за директен пласман на „сините“ во Прва македонска фудбалска лига.

Во пресрет на важниот меч, штипскиот клуб излезе со јасно соопштение и апел до своите навивачи, повикувајќи на фер, спортско и достоинствено навивање. Од Брегалница потенцираат дека фудбалот треба да обединува, а трибините да бидат место за славење на спортот, без навреди, дискриминација или каков било облик на насилство.

„Апелираме до сите да навиваат со срце, но со почит кон противникот, да се воздржат од национални, етнички, верски и било какви дискриминаторски пораки, како и да не поттикнуваат тензии и инциденти“, меѓу другото стои во пораката на клубот.

Од Брегалница додаваат дека клубот отсекогаш се залагал за спортски вредности, фер-плеј и меѓусебна почит, нагласувајќи дека Штип и Брегалница треба да бидат симбол на спортска култура и достоинство.