Брегалница со голем мотив гостува на „Железарница“

Со дуелот меѓу Скопје и Брегалница Штип ќе се спушти завесата на осмото коло од тековната сезона во Првата македонска фудбалска лига.

Фенерџијата е домаќин на тимот на Илчо Ѓоргиевски кој во претходното коло потклекна кај Победа. Овој резултат им дава самодоверба на домашните фудбалери дека би можеле да соберат некој бод на денешното соочување. Единствената победа за скопјани во новата сезона доаѓа на домашен терен и тоа токму против прилепчани. Меѓутоа на сите останати натпревари тимот потфрли и поради тоа е на самото дно на табелата.

Брегалница има задача да се поправи за киксот од пред една недела. Тоа го најави првиот тренер, кој верува дека неговите фудбалери ја научиле поуката. Со три бода денес, штипјани би направиле солиден скок. Тие би ги прескокнале Шкупи и Шкендија и би застанале на третото место. Тоа е мотив плус за избраниците на Ѓоргиевски.

Скопје беше убедлив на последното соочување со денешниот ривал и победи со 4-1. Наколку меѓусебни натпревари завршиле без голови, а традицијата е на страна на Брегалница, која има три победи. Дуелот се игра денес со почеток од 15:00 часот. Главен судија на оваа средба ќе биде Стојанче Трпчевски.