Брегалница со гол во финишот избегна пораз од Кит-Го

Амбициозниот македонски второлигаш Брегалница со реми против пехчевски Кит Го ги стартуваше пријателските натпревари од зимските подготовки. 

Во крајно израмнет дуел кој се одигра на теренот во „Бело Брдо“ во Штип, првото полувреме мина во израмнета игра, во која Додев и Бакрачески имаа убави шанси да ја доведат Брегалница до предност, но не успеаја во тоа. На спротивната страна останаа нереализирани и шансите на Ступиќ и Алексовски кај Кит Го.

Во второто полувреме, гостите дојде до водство од 0-1 со голот на Бошко Ступиќ во 50. минута, но искуството и квалитетот на домашните фудбалери дојде до израз и Ристе Наумов не дозволи пораз на својот тим на овој тест-дуел (1-1).

По денешниот дуел со Кит Го фудбалерите на Брегалница ќе одиграат уште пет пријателски натпревари. На 30 јануари е пресметката со Осогово, на 3 февруари дуелот со Сремска Митровица во Дојран, на 6 февруари против Беласица, за 13 февруари пресметката со Кожуф, а генералката ќе биде на 20 февруари против лидерот во Втората лига - Запад, екипата на Скопје.

Кит-Го пак на 30 јануари закажа дуел со Кожуф, на 6 февруари ќе се одмери силите со Осогово, на 13 февруари со Брегалница Делчево, а последниот пријателски дуел ќе го одигра на 20 февруари со Тетекс.