Брегалница се жали на судењето: Некој сакаше да не победиме во Тетово! (ВИДЕО)

Управата на второлигашот Брегалница јавно се пожали на дел од судиските одлуки на натпреварот против Тетекс, кој се играше во рамките на 18. коло и заврши со најнепопуларниот резултат, 0-0. Штипјани велат дека досега никогаш не се жалеле на арбитражата на мечевите, но според нив, некои одлуки на судијата Боби Величков биле на директна штета на нивната екипа. 

За Брегалница се спорни неколку моменти. Во 10. минута при прием на топка од страна на Аљбан Мемеди и потенцијална шанса за Брегалница, судијата суди фаул за домаќините. Штипјани сметаат и дека се оштетени за чист пенал по фаулот врз Стефан Коцев во 85. минута, но изостанала реакција од главниот судија.

Исто така, проблематично е и времето во судиското надополнување. Од Брегалница целат дека во второто полувреме биле извршени 10 измени, а имало и десетминутен прекин при повредата на Виктор Серафимовски, но судијата Величков го продолжил мечот за само пет минути. Натпреварот се играл со само една топка, што довело до подолго губење на време при секој прекин, но според нивните зборови, судијата не го зел предвид ниту тој важен момент. 

Натпреварот заврши со реми (0-0), а Брегалница испушти можност да се пробие до втората позиција на табелата, затоа што Шкендија од Арачиново запиша пораз од Скопје. Се очекува реакција на судиската комисија при Фудбалската федерација на Македонија