• Горан Упале

Во сабота ќе светнат и рефлекторите во Штип. Второлигашкото дерби на врвот од табелата меѓу Брегалница и Скопје ќе се одигра во вечерен термин, а клубот од Штип најави уште една новина – во функција ќе биде ставена новата, западна, трибини на Градскиот стадион.
„Ја известуваме фудбалската јавност во Штип дека за утрешниот меч против ФК Скопје (кој ќе се одигра под рефлектори), во функција ќе биде пуштена западната (нова трибина). Сите љубители на фудбалот и поддржувачи на нашиот клуб, почнувајки од утре, ќе можат да ги бодрат штипските сини од новата трибина.
Воедно, ги известуваме нашите верни навивачи, Н.К. Фаланга дека тие ќе можат да влезат на источната (стара) трибина и од своето вообичаено место да ја бодрат сино-белата чета. Освен навивачкиот клуб, на старата трибина ќе бидат сместени и новинарските екипи“, велат од штипскиот клуб.
Така, Штип покрај Струмица ќе стане втор домаќин на вечерни натпревари во Втората македонска фудбалска лига. Дербито меѓу Брегалница и Скопје е закажано за од 18:00 часот.







