ВИДЕО: Брегалница одигра сигурно и го „закопа“ Тиквеш на дното на табелата

Брегалница Штип ја запиша втората победа во новата ПМФЛ-сезона на домашен терен против Тиквеш (2-0). Домаќинот сосема заслужено се израдува на бодовите, со оглед на тоа што доминираше во текот на сите деведесет минути од мечот.

Штипјани наметнаа свое темпо, но имаа јалова иницијатива на стартот. Нивните комбинации беа далеку од голот. Наумче Бакрачески не стигна на подалечната статива и не искористи добар центаршут од левата страна. Добриот момент на домашната екипа продолжи кога се сплеткаа Мартин Стојанов и Бобан Георгиев и си посметаа во обидот да го совладаат гостинскиот голман од непосредна близина.

Следуваше обид на Дарко Додев, кој сепак биеше далеку од голот и не беше вистинска опасност за Стојан ДимовскиТиквеш започна да се ослободува кон крајот на првиот дел. Една од ретките шанси ја имаше Роберт Коцев. По една соло акција, тој испрати силен удар од далечина, но не ја погоди рамката од голот. Завршницата од полувремето не донесе возбудувања пред двата гола.

Брегалница подобро го отвори и второто полувреме. Овојпат успеа да ја круниса иницијативата и да стигне до посакувано водство. Стрелец на погодокот беше Марјан Алтипармаковски, кој остана небранет по еден корнер и од зицер позиција погоди за 1-0.

И покрај тоа што беше во негатива, Тиквеш немаше одговор на играта на противникот. Тимот на Марјан Секуловски продолжи да биде надмоќен на теренот. Тоа за домашните фудбалери значеше мирен остатокот од мечот, во кој нивната одбрана немаше големи проблеми да ги обезбеди трите бода. Потврда за триумфот пристигна на дваесет минути до крајот. Една школска акција во гол ја претвори Дарко Додев и го постави конечниот резултат на оваа средба (2-0).

Тиквеш од утре врти нов лист и екипата ја презема новиот тренер Влатко Костов, кому цел му е најнапред да ја запише првата победа, а потоа и да го обезбеди опстанокот.