Брегалница го врати Стојанов, договори и нови потписи со тројца клучни фудбалери

Повратникот во Првата македонска фудбалска лига, Брегалница го претстави првото летно засилување за новата сезона во Првата македонска фудбалска лига. Ново име во редовите на „сините“ е добро познатиот Мартин Стојанов.

Штипското дете и официјално се враќа во матичниот клуб, откако пристигна од Тиквеш, каде што во изминатиот период беше еден од главните адути во нападот на кавадаречкиот прволигаш.

Од Брегалница очекуваат Стојанов да биде едно од клучните офанзивни оружја и играч кој ќе има значајна улога во борбата за голови во претстојната сезона. Стојанов потпиша двегодишен договор со штипскиот клуб и повторно ќе го носи сино-белиот дрес.

Покрај враќањето на искусниот напаѓач, Брегалница обезбеди континуитет и со задржувањето на неколку важни фудбалери. Нови едногодишни договори потпишаа Ристе Темелков, Бојан Рајков и капитенот Стефан Коцев, кои и во следната сезона ќе бидат дел од ростерот на штипскиот прволигаш.