ВИДЕО: Брегалница го совлада Пирин и му го загорчи големиот јубилеј

Фудбалскиот клуб Брегалница гостуваше кај екипата на Пирин во Благоевград и слави со 0-1 на пријателскиот натпревар за време на репрезентативната пауза. 

Штипјани беа повикани како гостин и противник на стадионот „Христо Ботев“, за Пирин да го одбележи јубилејот сто години од своето постоење. Сепак, избраниците на Илчо Ѓорѓиоски успеаја да го уништат славјето на домашните и беа победници на овој пријателски меч. 

Долго немаше погодоци на теренот во Благоевград, иако имаше шанси на двете страни. Победата за Брегалница ја обезбеди Марјан Алтипармаковски со гол од белата точка во 74. минута. Претходно, во шеснаесетникот беше фаулиран Ѓорѓиев, па искусниот напаѓач на штипските „сини“ го искористи тоа. 

Во следното коло на ПМФЛ екипата на Брегалница ќе се судри со Работнички.