Брегалница го доби дербито со Борец и е пред бараж за ПМФЛ

Екипата на Брегалница Штип одигра одличен натпревар во Втората лига - Исток и во дербито со Борец од Велес успеа да слави со 1-0 (1-0), резултат кој го става тимот во пол-позиција за бараж за пласман во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).

Домаќините диктираа темпо на игра, а голем хендикеп за гостите беше црвениот картон уште во воведните минути од натпреварот. Поради прекршок во 10. минута во соблекувалната беше испратен Кристијан Николовски, а човек на одлука беше Лазар Илиев, кој погоди во 38. минута и го постави конечниот резултат.

Тренерот Блажевски се обиде со две измени да ја подобри играта на Борец во второто полувреме и да нападне, меѓутоа штипјани вешто ја задржаа победата. Брегалница со овој триумф го презеде второто место на табелата од Борец и сега има 49 бода, два повеќе од ривалот. 

До крајот на првенството има уште две кола - Брегалница игра со Плачковица и Беласица, додека Борец има натпревар со Беласица и со Каменица Саса.