ВИДЕО: Брегалница до пресврт победа, Борец без сили во Штип

Фудбалерите на Брегалница се радуваа на пресврт-победа против Борец (2-1), во дуелот од 15. коло на Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Пресметката на „Градскиот стадион“ во Штип во целост им припадна на домашните фудбалери, кои по рано примениот гол ја презедоа иницијативата и беа подобри во сите сегменти, па заслужено победија. ​

Гостите го изненадија штипскиот тим, тргнаа со добра игра и успеаја да поведат по само четири минути. Крста Ѓорѓевиќ одигра одлично двојно проигрување, по центаршутот добро ја прими топката на пеналтикот и успеа да ја смести во мрежата на голманот Денковски и Борец поведе со 0-1. 

По примениот гол Брегалница се обиде да наметне темпо, градеше акции главно по страничните позиции, кои не беа опасни по противничкиот гол. Велешани сакаа да ја искористат празнината во дефанзивата, па првата шанса по постигнатиот погодок ја имаше Ефтимов кој добро проби, но ударот му го блокираше Даниел Мојсов. Домашната иницијатива беше крунисана во првата минута од судиското надополнување. Фудбалерот за врска Кристијан Ацковски проби низ средината, се намести и со одмерен удар со левата нога го матира голманот Рниќ за 1-1. 

Во продолжението од натпреварот Брегалница продолжи да притиска. Штипјани беа подобри, но Борец добро се бранеше. Првата закана по голот на Рниќ во вториот дел ја упати Марјан Алтипармаковски. Сепак, напаѓачот на домашните биеше благо и неговиот удар не беше многу опасен по противничкиот гол. Брегалница и вторпат дојде во можност да донесе предност, со глава напаѓачот пак биеше од изгледна позиција крај голот на велешани. Притисокот продолжи, по него се закани и Бакрачески кој изнуди добра одбрана од Рниќ.

Oтпорот на Борец го скрши Марјан Алтипармаковски по корнер во 79. минута. Ударот од аголот беше изведен кратко, а потоа Маневски нафрли во мешаницата, па таму највисок во скокот беше напаѓачот на штипјани кој погоди за пресврт (2-1). До крајот на дуелот немаше резултатски промени, па трите бода останаа во Штип. Брегалница ја скокна Струга Трим Љум на табелата во ПМФЛ и сега со 25 бода е петта, додека Борец е претпоследен со осум.