Бредли: Мора да бидеме претпазливи, Шкупи покажа квалитет во Даблин

Екипата на Шамрок Роверс ќе гостува кај Шкупи во реваншот од третото претколо на Лигата на Европа. Ирскиот претставник во Даблин победи со 3-1, меѓутоа чаирчани покажаа дека можат да се носат со нивната игра. 

Токму на таа тема зборуваше и предводникот на Шамрок, Стивен Бредли. Според него, неговите играчи премногу грешеле во првиот меч, меѓутоа и Шкупи покажал квалитет и мора да се биде претпазлив. 

„Важно беше да дојдеме тука со предност, третиот погодок може да се покаже како круцијален. Сметам дека на моменти бевме добри во нападот. Потоа Шкупи влезе одлично во вториот дел, го презеде натпреварот и тоа траеше 20 минути. Важно ни беше да победиме на нашиот стадион. Погодок во последниот напад на натпревар во Европа е многу важен. 

Мора да бидеме внимателни, нашата цел е да го добиеме и реваншот. Треба да влеземе во натпреварот со вистински менталитет и да победиме. Очекувам да бидат опасни, да ризикуваат повеќе и да нападнат. Шкупи покажа дека има квалитет во второто полувреме во Ирска, сигурен сум дека тоа ќе го повторат“, изјави Бредли. 

Шамрок веќе од вчера е во Скопје, има време да се аклиматизира и мирно да се подготви за натпреварот кој е закажан утре со старт во 21:00 часот.