Брдаровски заминува од Дрита, прва опција му е нов ангажман во странство

Еден од најдобрите македонски десни бекови, Владица Брдаровски по една сезона ќе го напушти косовскиот вицешампион Дрита и ќе побара нова средина. Битолчанецот одигра одлична сезона во првенството на Косово и сега има неколку интернационални понуди за продолжување на кариерата.

31-годишникот беше шампион со Вардар, имаше интернационални искуства во Косово, Чешка и Унгарија, а сега не е исклучена можноста да се испроба во уште едно странско првенство.

Дрита минатото лето го елиминира Силекс во квалификациите на Лига Европа, а сезонава заврши како второпласирана, зад новиот првак Приштина. Тимот на Брдаровски освои 76 бода, наспроти 78 на новиот првак. 

Брдаровски запиша десет настапи за сениорската репрезентација на Македонија, а претходно со успех настапуваше во селекцијата до 21 година.