• Саше Љолес
Одамна е познато дека бразилскиот клуб Палмеирас е „фабрика“ за големи фудбалски таленти, а таков е и последниот случај со младиот Естевао Вилијан, кој има само 16 години.
Тинејџерот игра за младинските категории, а интересот за него секојдневно расте. Неколку европски гиганти веќе го „меркаат“ крилниот офанзивец и сметаат дека тој би бил важна тимска алка во иднина, додека понудите за трансфер веќе пристигнуваат во Палмеирас.
Естевао може да игра како класичен шпиц, но најубиствен е кога игра на позицијата десно крило и оттука е „страв и трепет“ за своите противници. Тој веќе некое време тренира со првиот тим, а вниманието врз себе го насочи со блескавите изданија во младинските категории. Неодамна доби повик за У17 репрезентацијата на Бразил, а наскоро се очекува и дебито за сениорите на Палмеирас.
Многумина веќе го споредуваат со славните играчи, но идол на Естевао е Лионел Меси. Младиот фудбалер има прекар „Месињо“, што во превод значи „мал Меси“. Бразилските медиуми објавија дека првата понуда за него пристигнала од Реал Мадрид, но Естевао има само една желба, а таа е да заигра за Барселона. Има огромна мечта од детството да игра на стадионот каде настапуваше неговиот идол и смета дека „Ноу Камп“ би бил идеалното место за неговиот понатамошен развој.
Палмеирас веќе одби една понуда од ПСЖ, вредна 50 милиони евра, па тоа сигурно ќе значи дека клубот нема да се задоволи со мала сума за трансфер на Естевао. Се шпекулира дека четири гиганти веќе доставиле свои понуди, а тоа се Манчестер Јунајтед, ПСЖ, Манчестер Сити и Реал Мадрид, но неодамна сериозно во оваа трка се вклучиле и скаутите на Барселона. Се работи за голем талент и ќе биде навистина интересно да видиме каде младиот Бразилец ќе ја продолжи својата кариера.