Бразилската легенда Роберто Карлос пред портите на Косово!

Фудбалската репрезентација на Косово остана без тренер и бара решение, а едно звучно име се наметнува како прв кандидат за клупата на соседот.

Искусниот 70-годишен стручњак Бернард Шаланде ја водеше оваа селекција од 2018 година, создаде компактен тим кој се надигруваше со доста посилни ривали. Сепак, по последниот пораз од Грузија (1-2) во квалификациите за Светското првенство, челниците на сојузот решија дека е време за промени.

Како прво име кое се споменува како нов селектор на Косово е Роберто Карлос. 48-годишниот Бразилец долго време не работел како тренер, уште од 2015 година, кога го водеше индиски Делхи, а претходно и турските екипи Акишарспор и Сиваспор.

Медиумите од земјата јавуваат дека тој е главниот кандидат. Во игра се уште Феликс Магат и Валтер Зенга, но се чека прво одговор од славниот бразилски фудбалер кој важеше за еден од најдобрите леви бекови во фудбалот.