Бразилецот сè подалеку од „Стамфорд“, ја одби и последната понуда од Челзи 

Еден од најдобрите фудбалери на Челзи во изминатата сезона, Вилијан, најверојатно ја завршува својата авантура во редовите на „сините“, откако ја одби и последната понуда на раководството на клубот, која носеше нова двегодишна соработка.

Бразилскиот ас долго време е поврзуван со неколку европски гиганти, а има и понуда од МЛС, но својата конечна одлука ќе ја донесе по завршувањето на настапите на Челзи во Лигата на шампионите. 

„Мислам дека нема донесено конечна одлука. Сака да ја заврши сезоната во Челзи, па потоа ќе мисли на иднината. Има две конкретни понуди од Премиер лигата, една од МЛС и уште две од Европа. Одлуката ќе ја донесе по завршувањето на настапите на Челзи во Лигата на шампионите“, вели агентот на фудбалерот, Киа Јорабчијан.

Британските медиуми шпекулираат дека тимот од МЛС е Интер Мајами, од Премиер лигата е Арсенал, додека интерес има и од Интер. Челзи за пет дена го игра осминафиналниот реванш во Лигата на шампионите против Баерн Минхен. На првиот меч во Лондон, германскиот тим извојува убедлива победа од 0-3. 

Прочитајте повеќе околу тековните трансфери во Македонија и светот на ОВОЈ линк.