„Братското“ дерби без победник, Пелистер и Тиквеш си поделија по бод во Битола

Екипите на Пелистер и Тиквеш го поделија пленот во „братското“ дерби кое што се играше во рамките од деветтото коло од Првата македонска фудбалска лига, во натпревар во кој двете екипи одиграа под очекувањата и на крај мораа да се задоволат со по еден освоен бод (0-0).

По стартното тактизирање и игра со многу грешки на двете страни, први се заканија „зелено-белите“. Георгиев по десната страна испрати одличен центаршут од прекин, а на топката налета Бојан Спиркоски и биеше со глава, но недоволно прецизно да го совлада Ристе Јанков

Само неколку минути подоцна пристигна и првото возбудувања пред домашниот гол. Ѓорѓиев излезе сам пред Јовчевски и биеше на прва статива, ама младинскиот репрезентативец беше присебен и исфрли во корнер. До крајот на првото полувреме пелистерци имаа уште две полу-шанси, но резултатот остана оној од првата минута.

Воведните минути од вториот дел минаа во знакот на гостите од Кавадарци, а Јовчевски одново покажа за каков голман се работи и со нова одлична интервенција го одбрани незгодниот удар на нововлезениот Стојанов. Двајцата стратези Костов и Мојсов внесоа нови сили на теренот, со цел да променат нешто во играта, но ниту тоа не им успеа, па натпреварот во Битола заврши со најнепопуларниот фудбалски резултат. 

Пелистер вторпат по ред игра 0-0 пред своите гледачи, а Тиквеш прави благ напредок на табелата, и покрај ужасниот напад и само три постигнати гола во девет натпревари. Во десеттото коло за петнаесет дена Пелистер ќе го пречека Шкупи, а Тиквеш како домаќин во Кичево ќе игра со Шкендија.