• Горан Упале
Идната сезона во Серија А ќе гледаме братски дуел, бидејќи за титулата ќе се борат Маркус Турам со Интер и неговиот помлад брат Кефрен со Јувентус. Постариот син на поранешниот стопер на француската репрезентација, Лилиан Турам, минатата сезона пристигна во Интер и одигра одлична сезона, освојувајќи ја титулата, а помладиот син синоќа пристигна во Торино и по извршувањето на лекарските прегледи ќе стане нов член на „старата дама“.
Одличниот играч за врска на Ница го избра Јуве и на еден начин ќе треба да биде соодветна замена за Адриен Рабиот, кому му истече договорот и кој уште не одлучил дали ќе остане или ќе замине.
Кефрен е роден во Реџо Емилија, одеше на училиште во Монако, играше за сите француски репрезентации, а за сениорскиот тимот дебитираше во март минатата година.
Од 2019 година е член на Ница, за која одигра 167 натпревари со девет гола и 12 асистенции. Јувентус плати 25 милиони евра за играч со одлични одбранбени карактеристики, кој доколку продолжи со настапите од претходните сезони, ќе донесе стабилност во играта на Тиаго Мота.