• Иван Димовски

Фудбалската репрезентација на Аргентина со епски пресврт против Египет (3-2) се пласира во четвртфиналето на Светското првенство. Бранителот на тронот остана жив на планетарниот собир, иако до 79. минута имаше негатива од два гола (0-2).
Резултатот на „Мерцедез-Бенз Арената“ во Атланта беше отворен по 15 минути игра, откако Јасер Ибрахим со глава стрела по нафрлување од Атиа за 0-1. Шокот можеше да биде амортизиран веднаш бидејќи Аргентинците добија пенал, ама голманот Мостафа Шобеир му го одбрани ударот од белата точка на Лионел Меси. Продолжи доминацијата на јужноамериканската селекција, се закануваа Мекалистер и Алварез, а Шобеир бранеше. Меси од слободен удар ја погоди и стативата, меѓутоа до полувремето немаше резултатски промени.
Во вториот дел Египет успеа да искреира контра во која Мостафа Зико реализира. Сепак, ВАР собата го повика судијата Франсоа Летексие и поради прекршок врз Лисандро Мартинез голот беше поништен. Зико и покрај тоа успеа да се запише меѓу стрелците, течеше 67. минута кога повторно во транзиција доби уфрлена топка во срцето на шеснаесетникот од Хасан, па лесно реализира за 0-2.
Од тој момент сè беше во знакот на светскиот првак. Надежта на Аргентина ја врати Кристијан Ромеро кој по центаршут од Лионел Меси со глава реализира за 1-2 во 79. минута. Продолжи доминацијата на јужноамериканската селекција, се закани Лаутаро Мартинез, а по него израмнување донесе Лионел Меси во истата акција. Најдобриот аргентински фудбалер дочека одбиена топка и ја смести во мрежата на Египет за 2-2 во 83. минута. Тука не беше крајот на возбудувањата, бидејќи Аргентина стигна и до целосен пресврт во втората дополнителна минута. Енцо Фернандез дочека топка од Лаутаро и со глава погоди за 3-2 и лудо славје.
- Извештај од натпреварот:
Аргентинците по голема драма се пласираа во четвртфиналето, а таму ќе играат со подобриот од дуелот меѓу Швајцарија и Колумбија.





