ВИДЕО: „Божицата“ го разби Милан, Интер не го искористи киксот

Екипата на Аталанта се надмина во Милано, славеше кај лидерот Милан (0-3) и на „росонерите“ им го нанесе вториот пораз во новата сезона на Серија А, по оној против Јувентус во дербито.

  • Милан - Аталанта 0-3:

„Божицата“ ја имаше контролата на играта и поголемиот дел од шансите, па заслужено дојде до трите бода кај „Сан Сиро“ со кои скокна на четвртата позиција на табелата во калчото. Сепак, Милан останува лидер на табелата, затоа што Интер не го искористи подарокот од гостинот од Бергамо.

Резултатот на дербито се отвори во 26. минута, кога Госенс го проигра Ромеро, а тој донесе предност за Аталанта. Тоа беше резултат и на паузата, па на стартот на второто полувреме Кеси направи прекршок во казнениот простор, тоа донесе пенал, кој во гол го претвори Јосип Иличиќ. Милан потоа се отвори, тргна на гол, но на спротивната страна Запата постигна нов гол, за конечни 0-3.

  • Удинезе - Интер 0-0:

Интер како гостин кај Удинезе важеше за голем фаворит, но не успеа да го најде патот кон мрежата (0-0) па останува второпласиран со два бода помалку од Милан. На мечот не изобилуваа шанси, а имаше и еден поништен гол на Лаутаро Мартинез на стартот на средбата на „Дачија Арена“.

Илија Несторовски беше во составот на Удинезе на овој натпревар, но почна и остана на клупата за резерви до крајот.