• Мартин Танасковски


Младите спортисти се срцето на иднината на македонскиот фудбал – талентирани, посветени и гладни за успех. Преку серија инспиративни интервјуа под наслов „Нашите идни шампиони“, Powerade и Gol.mk организираат уникатна кампања посветена токму на нив.
Запознаваме осуммина перспективни млади фудбалери кои се веќе дел од репрезентативните селекции и најголемите домашни клубови. Со емотивни интервјуа, фотографии и лични приказни, ја откриваме човечката страна на спортот и ја истакнуваме важноста на поддршката што младите ја добиваат во најчувствителниот период од кариерата.
На ваков начин, Powerade не само што го промовира спортот, туку и активно помага во градењето на иднината на македонскиот фудбал. Следете нè и инспирирајте се од генерацијата што доаѓа.
Седмото име во овој серијал интервјуа доаѓа од младинскиот првак Работнички. Се работи за 18-годишниот Јован Бошнаков, кој оваа година ќе игра во младинската Лига на шампиони, но истовремено ќе биде и сениор, затоа што во тимот ги доби првите минути.
„Јас сум Јован Бошнаков, имам 18 години и дел сум од Работнички. Започнав во фудбалската школа Кул каде бев шест години, а потоа се префрлив во Работнички каде ги минав младинските категории се до првиот тим. Фудбалот секогаш ми беше прв избор, уште од мал бев со топката и никогаш не сум имал помисла за друг спорт. Уште како дете најчесто бев со топката и сакав да шутирам. Еден ден татко ми ме запиша на фудбал и така почнав со овој спорт. Не сум од спортско семејство, не бил никој од семејството спортист, јас сум првиот.“, изјави Бошнаков.
Омилена за игра му е крилната позиција, но откако влезе во првиот тим, доби задолженија и во одбраната, нешто на кое работи и го учи во моментов за да напредува.
„Најдобро како играч се пронаоѓам на крилната позиција, но во последниот период играм како лев бек со првиот тим. Досега не сум играл многу дефанзивно, но откако ме стави таму тренерот одговарам добро и задоволен сум од реакцијата моја како играч“, ни открива младиот фудбалер.
Транзицијата од фудбалската школа Кул во Работнички била пред три години. Како што Бошнаков дошол во тимот, почнал да освојува трофеи. Вели дека Работнички е фабрика за таленти, конкуренцијата е голема, а борбата за првотимски статус – жестока.
„Во Работнички дојдов прво во пионерите, од 15 години. Имаме освоено Куп со 2004 генерација, потоа бевме најдобри во кадетската и младинската лига. Конкуренцијата тука е многу голема, Работнички е фабрика за таленти, затоа што ангажира и дава шанса на млади играчи. Дури и во првиот тим има многу помлади имиња од година во година. Мислам дека секој треба да работи многу за да се бори за своето место.“, истакна македонскиот фудбалер.
Главниот „виновник“ за доаѓањето на Бошнаков во Работнички е неговиот тренер Ѓошевски, а потоа работел со повеќе имиња кои му помогнале да напредува. Најголемиот успех досега му е младинската титула и настапот кој следи во Лигата на шампионите.
„Во клубот ме донесе мојот тренер Ѓорѓи Нешовски и од таму почна се. По него, работев со Саше Божиновски, па со Горан Станиќ и Бојан Марковски. Тука беше и Томислав Франц со кого имав соработка често како координатор. Најголемиот успех секако дека е младинската титула и заради неа ќе играме во Лигата на шампионите. Ни следи голем предизвик, дел од тимот ќе бидат 2007 генерација, а само три играчи од 2006 година имаат дозвола да играат таму, а јас ќе бидам еден од нив. Очекуваме да се претставиме добро.“, истакна тој.
Досега, Македонија во младинската ЛШ ја претставуваа повеќе екипи, но ниту една не победи. Какви се шансите на Работнички да впише првенец?
„Македонија можеби нема победа во Лигата на шампионите, но ние ја чекаме ждрепката со нетрпение. Верувам дека имаме добра екипа која може да се надигрува, пристапуваме на целата работа многу позитивно.“, амбициозен е Бошнаков.
Левоногиот играч ова лето имаше шанса за првпат да игра за првиот тим. Настапи на домашниот дуел со Торпедо Жодино од Белорусија во Конференциската лига, а на теренот мина 45 минути.
„Искрено, за секој играч млад играч, сон е да игра за првиот тим. Чест и задоволство ми беше што добив можност да се покажам. Голема благодарност до тренерот Марковски за дадената доверба, за мене ова беше нешто ново и голема привилегија да играм во Европа.“, кажа фудбалерот на Работнички.
Првата лига која следи ќе биде покомпетитивна, а истовремено и потешка затоа што испаѓаат повеќе екипи заради кратењето во сезоната 2026/27.
„Од оваа година ќе испаѓаат повеќе екипи, но ние имаме добар тим. Иако сме доста помлади играчи, мислам дека можеме да оствариме добри резултати. Амбициите на Работнички секоја година се да се биде во горниот дел на табелата.“, вели фудбалерот.
Зад своето име, Бошнаков има настапи за У19 селекцијата на Македонија.
„На секое дете и фудбалер е сон да заигра за националниот тим и да се претставува државата на теренот. Ни заврши У19-циклусот, имавме квалификациски турнир за ЕП во Луксембург, тоа беше претходната година во октомври. Не ги остваривме резултатите кои ги сакавме, но имавме квалитетни имиња кои сега се во добри клубови. Имавме и одличен селектор Вујадин Станојковиќ. Во иднина посакувам настап за У21-тимот, тоа ми е следна цел. Се надевам на повик еден ден.“
За крај, младиот играч ни ги откри неговиот идол, клубот за кој навива, како и желбите за иднината.
„Мој идол отсекогаш е Лионел Меси. Тој е левак, јас сум левак. Сум учел потези од него многу. Навивач сум и на Барселона. Би сакал еден ден да играм за најдобрата репрезентација, а на клупски план сон ми е во Премиер лигата. Тоа е најдобрата лига во светот. Немам хоби, фокусиран сум на фудбалот и на образованието, за кое следен чекор ми е факултетот. Ќе се запишам на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, па на професионален план „живеам“ за тие две работи“, заврши Бошнаков.