• Саше Љолес
Фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина е блиску до пласман на Светското првенство, што за оваа земја би било прво учество по дванаесет години.
Во квалификациите за Мундијалот следната година, Босна моментално го зазема второто место во групата, каде главни конкуренти ѝ се Австрија и Романија. Следните два натпревари се клучни - Босна ќе игра дома против Романија, а потоа ќе гостува кај Австрија.
Капитенот Един Џеко истакна дека целата екипа е фокусирана на успешни настапи во последните две кола и изрази решителност за позитивни резултати кои ќе ја одведат селекцијата на уште еден планетарен собир.
„Сѐ е во наши раце. Мораме да одиграме најдобро што умееме. Ако победиме на двете средби, ќе имаме огромни шанси за пласман на Мундијалот. Навивачите да дојдат и да нѐ поддржат во што поголем број на мечот со Романија“, рече Џеко.
Натпреварите против Романија и Австрија ќе се одиграат на 15 и 18 ноември, по што ќе биде познат и конечниот пласман во групата Х.



