• Горан Упале

Екипата на Борусија Дортмунд извојува голема победа на гостувањето кај Лил и се пласира во четвртфиналето од Лигата на шампионите на УЕФА. По ремито во Германија (1-1), европскиот вицешампион вечерва имаше негатива на полувреме, но за само девет минути успеа да направи пресврт и да обезбеди место меѓу најдобрите осум во европската елита.
- Извештај од натпреварот:
По возбудливиот прв дуел во Германија, сите предвидувања беа дека отворен фудбал ќе се игра и на реваншот во Лил, но ретко кој очекуваше дека домаќинот ќе поведе уште во раната фаза од средбата. По само пет минути игра Лил дојде до посакуваната предност, откако на асистенција на Исмаил, канадскиот ас Џонатан Дејвид ја протна топката меѓу нозете на Кобел и донесе огромна радост на трибините.
По почетниот шок, гостинските фудбалери пробаа експресно да реагираат, но чуда се случуваа пред голот на Лил. Прво Рибеиро спаси од гол-линијата по ударот на Грос, а нешто подоцна Брант на двапати и еднаш Гираси не реализираа огромни шанси за 1-1. До крајот на првото полувреме имаше уште по една голема шанса на двете страни, но резултатот остана оној од петтата минута.
Возбудливо беше и на стартот од второто полувреме, но овој пат се радуваа гостите и тоа не на еден, туку на два гола. Резултатот беше израмнет во 54. минута, кога искусниот Емре Чан беше сигурен реализатор од единаесет метри, додека девет минути подоцна следуваше комплетен пресврт и водство на „милионерите“. Со својот прв гол во Лигата на шампионите оваа сезона, Максимилијан Бајер ја замолкна прекрасната арена „Пјер Моруа“ во Лил и го доближи својот тим до пласман во четвртфиналето. До крајот на средбата Лил притискаше по израмнување и продолженија, но Кобел беше на висината на задачата и во клучните моменти успеа да ја сочува својата мрежа.
Противник на Борусија Дортмунд во четвртфиналето ќе биде Барселона, која што во оваа фаза го елиминира тимот на Бенфика.