ВИДЕО: Борусија победи, но Баерн го „растури“ Волфсбург и го грабна врвот на Бундеслигата!

Серж Гнабри пред неколку дена ја доби довербата од раководството на Баерн Минхен и го продолжи договорот до 2023 година, а веќе на првиот натпревар по потписот потврди дека Баварците го направија вистинскиот потег. 

Младиот германски офанзивец попладнево блесна на „Алијанц Арена“ и ги собра аплаузите од домашната публика, откако со гол и асистенција го водеше својот тим до голема победа од 6-0 (2-0) на дербито на 26. коло на Бундеслигата против Волфсбург

По не така атрактивниот почеток и неколкуте шанси на Левандовски и Родригез, Гнабри експлодира во вистински моменти и во 34. минута го отвори резултатот, додека три минути подоцна на фудбалски начин, несебично го проигра Левандовски, за веќе комотно водство на Баерн од 2-0, резултат со кој се замина на одмор.

Само што започна вториот дел Колумбиецот Родригез со гол на круниса одличната партија, откако на додавање на Тиаго Алкантара во свој стил го најде патот до гостинската мрежа за зголемување на водството, за потоа во листата на стрелците да се запишат и Милер, Кимих и Левандовски за конечни 6-0. 

Со оваа победа Баерн Минхен ја грабна лидерската позиција на табелата во Бундеслигата со 57 бода, исто колку и Борусија Дортмунд, која денес едвај победи против Штутгарт (3-1), но сега гол-разликата е на страната на шампионот. 

„Милионерите“ по елиминацијата од Тотенхем во Лигата на шампионите, за малку ќе им приредија ново разочарување на своите фанови, откако Пако Алкасер и Кристијан Пулишиќ во самиот финиш ги спасија од нов срам. Марко Ројс во 62. минута го отвори резултатот и донесе водство за својот тим, но Кемпф само девет минути подоцна го „стресе“ Бурки и донесе молк на преполниот „Сигнал Идуна Парк“. Сепак, џокерот на Фавр во самиот финиш беше на висината на задачата и погоди за 2-1. Печат на победата стави новото засилување на Челзи, Пулишиќ во 92. минута од мечот.

Фрајбург ја совлада Херта со 2-1 со головите на Петерсен и Ибишевиќ (автогол), а натпреварот меѓу РБ Лајпциг и Аугсбург заврши без голови.