ВИДЕО: Борусија лесно се справи со Волфсбург и се „наостри“ за дербито со Баерн

Екипата на Борусија Дортмунд продолжува со одличните игри по продолжувањето на на сезоната во германскиот шампионат и во рамки од 27. коло на Бундеслигата со сигурни 0-2 (0-1) славеше на дербито на гости против тимот на Волфсбург. 

  • Извештај од натпреварот: 

Швајцарскиот стратег на клупата на „милионерите“ Лусиен Фавр и вторпат во низа откако Бундеслигата е рестартирана ја остава својата најголема ѕвезда на клупата за резерви. Младиот англиски репрезентативец Џејдон Санчо, кој во овој период се поврзува со заминување во редовите на Манчестер Јунајтед, повторно остана на клупата, но и покрај тоа, Борусија ја запиша втората победа, по онаа пред една седмица од 4-0 против Шалке 04. 

Дуелот на „Волксваген Арена“ започна со подобра игра на гостинските фудбалери, но сепак на првото вистинско возбудување чекавме половина час. По една одлична тимска акција, Азар несебично проигра до Гереиро, а овој од непосредна близина ја затресе домашната мрежа и го отвори резултатот. 

На полувреме се замина со водство на Борусија од 0-1, додева на стартот од вториот дел Волфсбург за првпат вистински се закани, откако Ренато Штефен ја затресе пречката од гостинскиот гол. Искусниот швајцарски офанзивец само неколку минути подоцна повторно се најде во шанса за израмнување, но овој пат Бурки беше сигурен на голот. 

Лошиот почеток на вторите 45 минути го натера Фавр да ја освежи офанзивата и во игра влезе Санчо, по што следуваше период на офанзива на „милионерите“ и голема шанса на  Гереиро, кој биеше за малку непрецизно. 

Сепак, во 78. минута фудбалерите на Борусија Дортмунд организираа уште една фантастична тимска акција, која во гол ја претвори Хакими, за конечни 0-2. 

Денешната победа Борусија Дортмунд беше еден вид на најава на она што следува за три дена – дербито на германскиот фудбал против Баерн Минхен.