• Саше Љолес
Борусија Дортмунд и официјално си обезбеди учество на следното Светско клупско првенство, објави ФИФА. „Милионерите“ ќе му се придружат на Баерн Минхен и ќе бидат вториот германски клуб кој ќе се појави на клупскиот Мундијал во периодот меѓу 15 јуни и 13 јули следната година.
Натпреварувањето овој пат ќе се одржи во Соединетите Американски Држави и ќе претставува увертира за Светското првенство во 2026 година. Останати клубови кои добија виза за настап се Ал-Хилал од Саудиска Арабија, Ал-Ахли од Египет, Видад од Мароко, Монтереј и Леон од Мексико, Сиетл од САД, Палмеирас, Флуминензе и Фламенго од Бразил, Окланд Сити од Нов Зеланд, Манчестер Сити и Челзи од Англија, Реал Мадрид од Шпанија, ПСЖ од Франција, Интер од Италија, како и Порто и Бенфика од Португалија.
На овие клубови ќе им се приклучат и новите шампиони во уште неколку натпреварувања, а конечната листа на учесници ќе биде позната по завршувањето на актуелната сезона. Доколку Реал Мадрид или Манчестер Сити ја освојат Лигата на шампионите, тогаш ќе има уште едно место за клуб со најголем рејтинг од ТОП-4 европски лиги.