• Саше Љолес
Екипата на Манчестер Сити извојува важна победа над Борнмут и славеше со конечни 3-1 (2-1) во натпреварот од десеттото коло во англиската Премиер лига. Херој на „граѓаните“ беше Ерлинг Халанд, кој погоди двапати, а не се за испуштање ниту двете асистенции на одличниот Рајан Черки.
Гостинскиот тим подобро го отвори мечот и веднаш постигна гол, но беше поништен поради офсајд. Борнмут создаде уште 1-2 зрели прилики, но сепак, резултатот беше отворен на спротивната страна од теренот.
Черки и Халанд одиграа одлична комбинација, а Норвежанецот без проблеми стрелаше во 17. минута и донесе предност за својот тим. Борнмут бргу се врати со голот на Тајлер Адамс, но домаќините ја вратија позитивата до крајот на првиот дел. Истите двајца играчи беа повторно инволвирани во голот, а за потенцирање е луцидната асистенција на Черки во 33. минута (2-1).
Пеколното темпо продолжи и на стартот од второто полувреме. Сити беше во добар налет и делуваше дека е близу до трет погодок. Тоа се потврди во 60. минута, кога Нико О'Рајли погоди за 3-1 и ја најави победата за екипата на Пеп Гвардиола.
Потоа, следуваа минути на стабилна и рутинска игра на средината, по што домаќинот успеа да го приведе мечот кон крајот и ја обезбеди победата. Манчестер Сити се враќа на второто место на табелата и сега има 19 бодови, додека Борнмут останува со бод помалку и се „лизна“ до четвртата позиција.









