ВИДЕО: Борец во супер-драматичен меч до полн плен со Македонија ЃП

Борец од Велес на домашен терен ја запиша посакуваната победа над Македонија Ѓорче Петров (2-1), во еден супер-драматичен меч во кој се промашија три пенали.

  • Извештај од натпреварот:

Домаќините ја имаа иницијативата и ако се земат предвид случувањата победата за велешани е заслужена. „Лавовите“ беа инфериорни на ова гостување, имаа неколку шанси за гол, први и промашија пенал, па има зошто да жалат затоа што не поведоа први.

Првото полувреме на стадионот „Зоран Паунов“ мина прилично мирно, со поголема иницијатива на Борец. Домашните имаа добри обиди преку Радовиќ и Прелчец, но завршија безуспешно. Македонија ЃП ја чекаше шансата преку контра, а најзрелата прилика ја имаше напаѓачот Калид пред крајот на првиот дел кога за малку не го изненади Бурхан Мустафа.

Во 60. минута, Калид беше соборен во казнениот простор, судијата покажа на белата точка, но најистурениот играч на „лавовите“ не успеа да реализира затоа што Мустафа го прочита неговиот шут.

На нови возбудувања се чекаше до 84. минута. Ковачев беше невнимателен во шеснаесетникот и направи пенал, па следеше драма...Прелчец ја презеде одговорноста и шутираше, но младиот голман Стевкоски ја прочита неговата намера. Арно ама, судиите видоа дека чуварот на мрежата на Македонија ЃП порано од дозволеното ја напушти линијата, па пеналот се повтори. Стевкоски пак го прочита шутот на Прелчец, но топката се одби до Пеев и тој донесе предност за Борец.

Македонија ЃП потоа се отвори, тргна во напад на сè или ништо, а малата конфузија во одбраната во 91. минута ја казни Ѓорѓиев, за 2-0. Пред финишот на натпреварот, во 96. минута, Македонија ЃП успеа да го ублажи поразот со еден шут од далечина на Фернандо.

За избраниците на Горазд Михајлов ова беше четврта победа во новата сезона.