ВИДЕО: Борец во финишот го скрши Кожув, минимална победа и за Тиквеш

Фудбалерите на Борец и по пет одиграни коле не знаат за неуспех во новата сезона на Втората македонска фудбалска лига – Исток. Ланскиот учесник во плеј-офот на Прва лига на свој терен со голот на Симеон Христов во самиот финиш успеа да ги скрши отпорот на Кожув и да слави заслужена победа од 2-1 (1-1).

Бојан Колевски уште во 3. минута донесе голема радост за велешани, но гостите не се предадоа и по 20 минути успеаја да израмнат на 1-1. Стрелец на голот за Кожув, беше Марјан Ристовски. Во продолжението од мечот и двете екипи имаа по неколку полушанси, но Мустафа и Ников беа на висината на задачите, но не и во 86. минута, кога искусниот Христов со удар од 11 метри го матираше гостинскиот голман и донесе петта победа на својата екипа оваа сезона. 

Во следното коло Кожув повторно ќе игра на гости, овој пат кај Брегалница, додека Плачковица ќе го пречека лидерот Борец. 

На дебито на новиот тренер, Добре Димовски, Саса пред своите гледачи го совлада Вардар Неготино со 1-0. Екипата на Тиквеш продолжува со непоразливоста во новата сезона, откако попладнево на свој терен славеше со минимални 1-0 над штипска Брегалница. Голот вреден три бода за кавадарчани го постигна Наумче Бакрачески во 68. минута. Со оваа победа Тиквеш ја мина Брегалница и заедно со Кожув го делат второто место на табелата со по 9 бода.  

Савов застана на клупата на Детонит, но на дебито загуби пред своите гледачи од Кит Го со 0-1. Значајна победа извојува Партизан Обршани против Плачковица, откако славеше со 2-1.