Борец со победа ќе слави пласман во ПМФЛ, но може да го израдува и Тиквеш

Екипата на Борец од Велес е подготвена за фешта, затоа што на домашен терен игра со Брегалница Штип и со евентуална победа ќе го потврди својот прволигашки статус на две кола пред крајот во Втората лига - Исток.

Велешани се лидери со 60 бода, седум повеќе од второпласираниот Тиквеш. Со евентуален триумф, прволигашкиот статус ќе биде сигурен. Истовремено, на победа на Борец може да се радува и второпласираниот Тиквеш, затоа што ако Борец ја победи Брегалница, а Тиквеш извлече најмалку бод во дуелот со Кожув, тогаш Тиквеш е сигурен во баражот за влез во ПМФЛ.

Во Втората лига - Запад, екипата на Струга Трим Љум веќе го осигура прволигашкиот статус, а пред пласман во баражот е Лабуништа, кој треба да го победи Скопје и да чека „кикс“ на Пелистер, за официјално да биде второпласиран.

Интересна ќе биде и битката за опстанок, посебно во Втората лига - Запад, каде за безбедно место се борат Кораб, Тетекс и Генч Калемлер. Сите натпревари во ВМФЛ започнуваат од 16:30 часот.