Борба во групата „Ц“: Сите бркаат „виза“ за нокаут-фаза во Копа Америка

Последната група од Копа Америка, групата „Ц“, вечерва ќе го доживее својот крај по што ќе бидат познати сите учесници во нокаут-фазата на најмасовното натпреварување во Јужна Америка.

Чиле, Уругвај, Јапонија и Еквадор се селекциите кои се дел од оваа група. Само Чиле е сигурен патник понатаму, а останатите три репрезентации ќе се борат за преостанатите две места. Моментално, Уругвај е второпласиран, Јапонија е трета со еден бод, додека Еквадор е последен и без бодови.

Но, доброто во оваа група е што и третото место носи нокаут-рунда, затоа што од групата „Б“, Парагвај има два бода, а евентуален успех на Јапонија или Еквадор во меѓуебниот дуел, ќе ги испрати во наредната фаза. Можно е Јапонија да оди понатаму и како второпласирана, ако Чиле го совлада Уругвај, но повеќе од убедливо, а „самураите“ победат со Еквадор.

Доколку Уругвај го победи Чиле, тогаш Уругвајците ќе бидат први, а Чиле оди понатаму како втор во групата.

Натпреварите меѓу Чиле и Уругвај, односно Јапонија и Еквадор, се играат во 1:00 часот по полноќ.

  • ЧЕТВРТФИНАЛЕ ВО КОПА АМЕРИКА

Бразил - Најдобро третопласирана селекција Б/Ц
Венецуела - Аргентина
Колумбија - Второпласиран тим во Ц
Перу - Првопласиран тим во Ц