• Горан Упале
Фудбалерите на Јувентус успеаја да запишат значајна победа на гостувањето кај Валенсија, во рамки од првото коло на Лигата на шампионите, иако еден час играа без Кристијано Роналдо, кој беше исклучен.
Во 29. минута португалскиот ас влезе во конфликт со Муриљо, по кој заработи црвен картон, а дефанзивецот на „старата дама“ Леонардо Бонучи открива како ја виде целата ситуација и одлуката на Брих да го исклучи Роналдо.
„Колку што можев да видам тоа беше обичен дуел. Муриљо прв ја стави раката над Роналдо, а тој соодветно реагираше. Тоа се моменти кои се чести во оваа игра и затоа мораме да останеме јаки и концентрирани. Роналдо беше бесен, што е нормално. Сигурен сум дека судијата не го виде најдобро овој момент. Сепак, успеавме да се вратиме во игра и да славиме победа, тоа е најважно во овој момент“, рече искусниот дефанзивец.
Во следното коло Јувентус го пречекува тимот на Јанг Бојс, а потоа следи дербито на групата на „Олд Трафорд“ против Јунајтед. Засега не е познато колку натпревари ќе биде Роналдо казнет, а голема е веројатноста да го пропушти своето враќање онаму од каде ја започна светската слава, на „Олд Трафорд“.