Бонучи: Нашиот пристап беше погрешен, ова не смее да се повтори во Торино

Фудбалерите на Јувентус потфрлија и го загубија првиот дуел од осминафиналниот двомеч во Лигата на шампионите, на гости кај Лион минимално со 1-0. Тимот на Маурицио Сари освен што беше поразен, беше целосно надигран во првиот дел кога беше инфериорен. 

Овие факти ги потврди и капитенот Леонардо Бонучи, кој призна дека нешто не било во ред. 

„Доцневме на секоја топка во првиот дел. Нешто беше грешно во нашиот пристап кон натпреварот, го почувствував тоа уште пред стартот, некој елемент не беше вклучен.

Сите стоевме многу оддалечени во првиот дел, што им ја олесни работата на фудбалерите на Лион. Мораме да работиме пред реваншот, бидејќи не смееме да си дозволиме уште еден ваков натпревар во Торино“, истакна Италијанецот.

Јувентус во второто полувреме беше далеку подобар протвник, имаше контрола на играта, но недостигаше гол бидејќи Лион одлично се бранеше. Сари ќе мора да се потруди да најде начин за како ќе го скрши бедемот пред голот на Лопез во реваншот на 17 март.