Бонмати: Порано се восхитувавме на Иниеста и Чави, сега имаме и девојки за идоли

Најдобрата светска фудбалерка, Ајтана Бонмати, изјави дека е пресреќна поради престижното признание и рече дека тоа е плод на долгогодишната напорна работа. 

Шпанската фудбалерка не го криеше задоволството од наградата која ја доби по освојувањето на титулата од Светското првенство, по што даде изјава за медиумите. 

„Со години се спремавме за овој момент и работевме многу напорно. Физички многу напредувавме, но мислам дека и технички сме значително подобри. Во нашиот состав има многу талентирани девојки и сосема заслужено сме на светскиот трон. 

Оваа година е најубавата во мојата досегашна кариера. Искрено, не знам дали ќе успееме да го повториме овој успех, но надежта секогаш постои. Секогаш верував во себе и знаев дека ќе се изборам за најубавите нешта во нашиот спорт.

Ова е за сите девојки, но и за сите момчиња кои се занимаваат со фудбал. Кога имав 10 години, моите идоли беа мажи - Чави, Иниеста и останатите. Сега младите ќе имаат и девојки на кои ќе можат да се угледаат. Се надевам дека идните генерации ќе го повторат и надминат нашиот успех“, изјави Бонмати. 

Шпанија во големото финале на женскиот Мундијал славеше минимална победа (1-0) над Англија и стигна до првата светска титула во женска конкуренција. Со овој успех, репрезентативките на „фуријата“ влегоа во легендите на шпанскиот фудбал, заедно со „златната“ машка генерација, која го освои Светското првенство во 2010 година.