„Бомба“ во Сплит: Трајковски и Хајдук добиваат тренер од Серија А

Регионалните медиуми ја пренесуваат веста дека хрватскиот гигант, Хајдук, се договорил со искусниот Иван Јуриќ и тој ќе биде нов тренер на сплитскиот клуб. 

Досегашниот тренер на италијансиот Торино веќе ги договорил условите со управата и се очекува наскоро да се врати во родниот град, а згора на тоа, ќе работи за далеку помала плата од онаа што ја заработуваше во Серија А. 

Навивачите се презадоволни од овој потег и се надеваат на успешна етапа со новиот тренер кој ќе мора да ги подобри резултатите и да го врати Хајдук во борбата за титулата во Хрватска. Сплиќани оваа сезона имаа големи амбиции, но нивниот план се распадна и одново му го препуштија тронот на Динамо Загреб. 

Токму со Јуриќ на клупата Хадук би можел да направи сериозен исчекор, а управата најави и уште неколку квалитетни засилувања кои ќе му помогнат на тимот во следната сезона. Во Хајдук настапува и нашиот репрезентативец, Александар Трајковски, кој ја комплетираше сезоната со учинок од седум гола и три асистенции.