„Бомба“ во Грција: Ерик Ламела пред потпис со АЕК

Искусниот аргентински фудбалер Ерик Ламела кариерата ќе ја продолжи во Грција, откако си подаде рака со АЕК Атина. 

32-годишното крило го заврши договорот со Севиља и во моментов е слободен агент, а тоа му даде шанса да добие одлични услови во Грција. Ламела со АЕК договори тригодишна соработка и ќе заработува 2,5 милиони евра по сезона. 

Тој доаѓа во АЕК по желба на тренерот Матиас Алмеида кој е негов сонародник, а во тимот сакаше да добие звучно засилување. 

Ерик Ламела во својата кариера преку Ривер Плата дојде во Европа и заигра за Рома. Во 2013 година се пресели во Тотенхем и се задржа осум години, а претходните три сезони беше дел од Севиља со која ја освои Лигата на Европа.