„Бомба“ од Италија: Буфон сака да се бори за место во тимот за СП во Катар!

Џиџи Буфон е безвременски. Голманот на „старата дама“ има 43 години, но воопшто не размислува за пензија и не сака да стави крај на својата кариера. 

Утрово во Италија како „бомба“ одекна информацијата на „Тутомеркато“, кој пренесе дека Буфон би можел по вторпат да замине од Јувентус. Причината за тоа не е незадоволство од страна на ветеранот, туку едноставно сака да биде првотимец за да го предизвика Џиџо Донарума од Милан за местото прв голман на Италија за Светското првенство во 2022 година. 

Како можна дестинација се споменува Аталанта. Иако во клубот моментално бранат Голини и Спортиело, „Ла Деа“ нема ништо против да му го довери голот на Буфон. Наводно, првите контакти веќе се остварени, а Буфон би можел да стане прв избор на Гасперини, додека резерва треба да му биде младиот Карсечи, кој е позајмен во Кремонесе. 

Еден од најдобрите голмани во историјата на фудбалот има договор до крајот на сезоната, а во потрага по минутажа која ќе му дозволи борба за „единицата“ во Италија би можел да заврши во Бергамо. Ова засега се само шпекулации, па останува да видиме дали и колку има вистина во нив.