• Мартин Танасковски
Англискиот премиерлигаш Манчестер Сити ризикува да биде исфрлен не само од Премиер лигата, туку и од ФА Купот, Купот Карабао, па дури и од Лигата на шампионите и Светското клупско првенство ако се покаже дека ги прекршил правилата за кои се започна судски процес, тврди новинарот Бен Рамсби од „Дејли Телеграф“.
„Судењето на векот“, како што го нарекоа англиските медиуми, е судење за 115-те обвиненија кои премиерлигашите ги покренаа против Манчестер Сити. Процесот започна во понеделник. Според „Дејли Телеграф“, повеќето ривали на „граѓаните“ во англиската елита се на мислење дека еднократното одземање на поени од контото на Сити нема да биде доволна казна доколку клубот биде прогласен за виновен за кршење на финансиските правила.
Исфрлањето на Манчестер Сити од Премиер лигата би ги задоволило оние кои бараат построги санкции, но би го фрлил англискиот фудбал во хаос доколку Сити продолжи да игра во ФА Купот, Лига Купот и Лигата на шампионите.
Според Дејли Телеграф, правилата на англиските натпреварувања се такви што се зголемува и веројатноста клубот да биде отстранет од нив. Членот 23 од правилата на ФА Купот вели дека „кога некој клуб е примен во натпреварувањето, но последователно испаднал од лигата во која учествува, Одборот на ФА може да го повлече од натпреварувањето“. Кај Карабао купот, пак, правилата велат дека Манчестер Сити мора да учествува во една од четирите највисоки лиги во Англија.
Процесот е малку покомплициран во однос на Лигата на шампионите, бидејќи тимовите што учествуваат таму добиваат лиценца од УЕФА. Премиер лигата и ФА имаат своја улога во издавањето на овие лиценци, но во моментов не е сосема јасно дали испаѓањето од домашната лига може да го оправда исфрлањето од Лигата на шампионите. За Светското клупско првенство, правилата според кои ќе се одржува турнирот се уште никаде не се јавно објавени.
Меѓутоа, доколку Сити биде исфрлен од сите натпреварувања во Англија, ќе биде многу тешко за клубот да продолжи со учеството во Лигата на шампионите и Светското клупско првенство со оглед на долгите паузи што тимот ќе ги има помеѓу натпреварите. Понатаму, изгледите Сити да ги освои овие турнири на крајот од сезоната во која испаднаа, исто така, би ги налутила другите инволвирани клубови.