• Горан Упале
Еден од најдобрите европски тренери Жозе Мурињо е без работа откако раскина со Рома. Се чини дека славниот Португалец нема уште долго да седи со скрстени раце, барем така најавуваат од Островот.
Според англиските медиуми, деновите на Дејвид Мојс во Вест Хем се избројани по поразот од Баер Леверкузен во четвртфиналето на Лига Европа, а Мурињо бил првиот кандидат да го заземе неговото место.
Раководството на клубот најмногу го обвинува Мојс за дефанзивниот стил на игра што го негува тимот во последно време, а што особено беше видливо на дуелот со Германците. Шкотскиот тренер минатата сезона ја освои Конференциската лига со Вест Хем и на тој начин му ја донесе на клубот првата голема титула по 40 години. Но, тоа одамна е архивирано, а лошиот пласман во Премиер лигата, кој не носи играње во Европа следната сезона, ги натера челниците на „чеканите“ да ја разгледаат понудата на пазарот. Како потенцијални наследници се споменуваа Јулeн Лопетеги и Грем Потер, а неодамна на листата со желби се појави и Жозе Мурињо.
Во интервју за „Football Insider“, поранешниот напаѓач на Вест Хем, Френк Мекавени, меѓу другото зборуваше и за доаѓањето на Мурињо во неговиот поранешен клуб.
„Не знам дали Дејвид сака да остане. Зошто досега не потпишал нов договор ако сака да остане? Се споменуваше Грем Потер, се споменуваше Жозе Мурињо.
Јас сум голем фан на Мурињо - не ми е гајле што некој друг ќе каже. Тој човек знае како да освојува трофеи“, изјави Мекавени.
Мурињо во текот на кариерата ги водеше Порто, Челзи, Интер, Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед, Тотенхем и Рома.